Проценка на состојбата со физичката средина во основните училишта во Република Северна Македонија
Објавено 2020-12-15
Клучни зборови
- физичка средина,
- основни училишта,
- тековна состојба,
- приоритет,
- Република Северна Македонија
Како да се цитира
Апстракт
Важно за здравјето на децата кои одат во основно училиште е во рамките на училиштето да имаат чиста вода за пиење, соодветни тоалети, здрава храна достапна за сите и безбедно место за учење и играње. Целта на трудот беше да се направи проценка на состојбата со физичката средина во основните училишта низ целата Република според увидот во моменталната ситуација во училиштата и приоритетите коишто тие ги имаат за унапредување на училишната физичка средина. Материјал и методи: Беше користена богата домашна и странска литература достапна преку научните бази PubMed, Scopus и други. Се пристапи кон спроведување на студија на пресек со која беа опфатени 320 основни училишта во РСМ. Податоците беа собрани преку користење на алатката за брза проценка, а беа статистички обработени со користење на софтверскиот пакет SPSS, верзија 22.0 за Windows (SPSS, Chicago, IL, USA). Анализата на квалитативните серии беше правена преку одредување на коефициент на односи, пропорции и стапки. Квантитативните серии беа анализирани со употреба на мерките на централна тенденција како и со мерките на дисперзија. Резултати: Моменталната состојба беше оценета како најдобра (75,31%) според тврдењето – „Во сите згради од училиштето се одржува пријатна температура, осветлување и проветреност“. Најслабо оценета (36,56%) моментална состојба за тврдењето – „Училишната менза, продавницата и апаратите нудат храна и пијалак кои се здрави, по соодветни цени“. Најприоритетно (83,44%) беше тврдењето – „Училишните објекти се прилагодени на учениците, тие се безбедни, чисти и промовираат хигиена за сите ученици“. Подобри услови во однос на физичката средина се забележуваат кај учениците коишто слушаат настава на македонски јазик или во повеќејазичните паралелки, за разлика од учениците коишто следат настава на албански јазик, како и тоа дека градските училишта во споредба со селските имаат подобри услови за работа. Иако во моментот ситуацијата во Југозападниот регион е меѓу најлошите, сепак училиштата од овој регион најмногу се стремат кон унапредување. Заклучок: Според моменталната состојба се увиде дека недостасуваат училишни мензи, продавници и апарати во близина на училиштата кои би понудиле здрава храна и пијалаци. Највисок приоритет е училишните објекти да бидат приспособени на потребите на учениците, да бидат безбедни, чисти и да промовираат хигиена за сите ученици и училишниот персонал.